ЕУ за зачувување на нуклеарниот договор со Иран

Знамето на Иран

Министрите за надворешни работи на ЕУ ги збија редовите во поддршка на договорот за нуклеарната програма на Иран. Тие предупредуваат дека заканите од американскиот претседател Доналд Трамп дека може да се откаже од мултинационалниот договор со Техеран ги загрозуваат напорите за изнаоѓање мирно решение за нуклеарниот спор со Северна Кореја. Според договорот, Техеран се обврза да ја ограничи нуклеарната програма во замена за олеснување на меѓународните санкции.

Потписници на договорот, освен Иран и САД, се и Русија, Кина, Франција, Велика Британија и Германија. Претседателот Трамп пред три дена предупреди дека Техеран не го почитува договорот и оти тој може да го раскине. Министрите од ЕУ, пак, нагласуваат дека Меѓународната агенција за атомска енергија осум пати потврди дека Иран ги спроведува обврските од договорот.

На денешниот состанок на министрите за надворешни работи од ЕУ во Луксембург се очекува тие да потпишат нов пакет санкции против Северна Кореја поради нејзината нуклеарна програма. ЕУ се надева дека преку санкциите ќе го натера Пјонгјанг да преговара. Сепак, шефицата за надворешни работи на Унијата, Федерика Могерини, стравува дека поткопувањето на договорот со Иран може негативно да влијае на можноста за отворање простор за преговори со Северна Кореја.