Шпанија ќе ја преземе контролата врз Каталонија ако добие нејасен одговор

Шпанскиот министер за внатрешни работи Хуан Игнасио Зоидо

Шпанската влада ќе ја преземе контролата врз Каталонија ако регионалниот лидер Карлес Пуџдемон одговори двосмислено на прашањето од Мадрид дали прогласил независност од Шпанија или не, изјави денеска шпанскиот министер за внатрешни работи Хуан Игнасио Зоидо.

Пуџдемон во вторникот симболично ја потпиша декларацијата за независност, но само неколку секунди подоцна ја суспендираше за да даде простор за преговори со шпанската влада.

Премиерот Маријано Рахој му даде рок до понеделник да ја појасни својата позиција, а потоа до четврток да се премисли ако инсистира на одделување, заканувајќи се дека ќе ја укине автономијата на Каталонија ако Пуџдемон одбере независност.

Одговорот мора да биде без никаква двосмисленост. Тој мора да каже да или не“, рече министерот за внатрешни работи Хуан Игнасио Зоидо за Радио КОПЕ.

„Ако одговорот е двосмислен , тоа значи дека не сака дијалог и затоа шпанската влада ќе мора да преземе дејствие“, рече тој.

Пуџдемон, кој одржува консултации со локалните партии за подготовка на одговорот, се соочува со тешка дилема. Ако каже дека прогласил независност, централната влада ќе реагира, а ако каже дека не прогласил тогаш каталонската крајно левичарска партија „Кандидатура за народно единство“(КНЕ) веројатно ќе ја прекине поддршката за неговата малцинска влада. КНЕ бара еднострано прогласување независност.

Според членот 155 од шпанскиот устав, владата во Мадрид може да ја укине политичката автономија на некој регион, ако локалната влада го крши законот. Шпанскиот суд го прогласи референдумот за независност на Каталонија за незаконски.