Ципрас во посета на САД

Грчкиот премиер Алексис Ципрас

Инвестициите, економијата, безбедноста, случувањата во регионот и енергијата се темите кои ќе доминираат на средбите на грчкиот премиер Алексис Ципрас со високи американски официјални претставници, инвеститори, претприемачи и членови на грчката заедница во САД.

Според извори од неговиот Кабинет, Ципрас доцна вечерва ќе пристигне во Чикаго, каде што викендов ќе се сретне со претставници на грчката заедница, како и со американски политичари и инвеститори.

В понеделник попладне тој ќе отпатува за Вашингтон, каде што ќе се сретне со шефицата на Меѓународниот монетарен фонд, Кристин Лагард.

Во вторник, Ципрас ќе има средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, а еден ден подоцна ќе се сретне и со американскиот потпретседател Мајк Пенс, по што ќе замине на самит на ЕУ во Брисел.

Како што претходно јави МИА, за време на посетата на Ципрас на САД, грчката Влада сака да добие поддршка од Трамп за „отворените прашања во регионот“, како што се кипарското прашање и тензиите во Егејското Море.

„Ципрас исто така ќе бара да се намали притисокот за решавање на прашањето за името на Скопје, сè додека македонските власти не го напуштат иредентизмот“, јави онлајн изданието на „Реалњуз“ пред извесно време.