Путин во ноември на средба со Рохани и Алиев во Техеран

Архива - Путин, Алиев и Рохани на средбата во Баку. 08.08.2016

Рускиот претседател Владимир Путин на 1 ноември планира да го посети Техеран и да учествува на состанок со неговите колеги од Иран и Азербејџан. Портпаролот на Путин Дмитриј Песков денеска изјави дека подготовките се во тек, соопштуваат руските новински агенции.

Претходно, помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков изјави дека Путин треба да отпатува во Иран пред крајот на годинава за да присуствува на трилатералниот самит.

Цитирајќи ја иранската амбасада во Баку, азербеиџанските медиуми објавуваат дека Путин, иранскиот претседател Хасан Рохани и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев ќе се сретнат во Техеран на 1 ноември на разговори околу регионалната соработка.

Првиот ваков трилатерален самит се одржа во Баку во август 2016 година, кага тројцата лидери изјавија дека новиот формат треба да помогне да се зајакнат врските меѓу трите земји на Каспиското Море.