Американски пратеници најавија објавување на руските Фејсбук реклами

Членови на Комитетот за разузнавање во американскиот Претставнички дом најавија дека јавно ќе ги објават илјадниците реклами на Фејсбук, наводно платени од руски оперативци за време на ланските претседателски избори. Пратениците Мајк Конавеј и Адам Шиф, по вчерашната средба со оперативната директорка на Фејсбук Шерил Сендберг рекоа дека работат со компанијата за да ги објават рекламите јавно. Сепак, Конавеј вели дека малку е веројатно тоа се случи пред сведочењето на Фејсбук пред Конгресот за руското мешање во претседателските избори во САД.

Неколку Конгресни комисии го истражуваат руското влијание врз американските избори.

Фејсбук неодамна обезбеди повеќе од 3.000 реклами што кои наметнуваат политички поделби и за кои се верува дека биле платени од руски оперативци пред и за време на изборите.

Рекламите имале за цел да ги поттикнат поделбите меѓу гласачи за прашања како што се хомосексуалноста, расата или имиграцијата. Слични реклами имало и на Гугл и на Твитер.

Сите три компании се повикани да сведочат пред комитетите за разузнавање во Конгресот. Фејсбук и Твитер потврдија дека ќе дојдат, но Гугл не.