Ирак со потерница за курдски претставници поврзани со референдумот

Прослава на улиците на Ирбил во курдскиот автономен регион по гласањето на референдумот.

Ирак денеска издаде потерница за апсење на претседателот на изборната комисија од курдскиот регион и двајца негови помошници, кои го спроведоа забранетиот референдум за независност на 25 септември на кој големото мнозинство граѓани се изјасни за независност. Портпаролот на ирачкиот врховен судски совет изјави дека потерниците по Хандрин Мохамед и неговите помошници биле издадени од Судот во Багдад за „прекршување на правосилна судска одлука која го прогласува гласањето за независност за незаконско“.

Претставник од регионалното курдско Министерство за правда, пак, ја отфрли потерницата како политички мотивирана и рече дека курдската влада е независна од Багдад и не ги признава нивните правни одлуки. Не е јасно како Багдад планира да го изврши апсењето со оглед на тоа што немаат извршна моќ во курдскиот регион. Ирачката влада по референдумот воведе санкции против курдскиот регион.