Европската комисија повикува на почитување на шпанскиот устав

Потпретседателот на Европската комисија, Валдис Домбровскис

Европската комисија денеска повтори дека очекува „целосно почитување на уставниот поредок на Шпанија“, ден откако каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон „прогласи независност“, која веднаш потоа ја суспендираше за да даде простор за дијалог со Шпанија.

„Комисијата ја следи состојбата во Шпанија и го повторува претходниот апел за целосно почитување на уставниот поредок на Шпанија“, рече потпретседателот на Европската комисија, Валдис Домбровскис во Брисел.

Тој изјави дека Комисијата има доверба во шпанските институции и во премиерот Маријано Рахој кои работат на решение, но оти тоа решение мора да биде „во рамките на шпанскиот устав“.

Шпанската влада денеска побара официјален одговор од каталонскиот лидер Пуџдемон дали прогласил независност или не, заканувајќи се дека во случај на сецесија ќе ја укине автономијата на Каталонија.