Стела Кириакидис избрана за претседател на ПССЕ

Илустрација-зградата на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур

Кипранката Стела Кириакидис од Европската народна партија беше избрана за претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа по оставката на нејзиниот сопартиец, Шпанецот Педро Аграмунт на 6 октомври, соопшти прес-центарот на ПССЕ. Кириакидис беше избрана со големо мнозинство пред Литванецот Емануелис Жингарис во третиот круг од гласањето. Таа ќе остане на функцијата до отворањето на следната редовна сесија во Стразбур, која ќе се одржи од 22 до 26 јануари 2018 година.

Кириакидис е родена во Никозија на 10 март 1956 година, а завршила психологија на англиските универзитети во Рединг и Манчестер. Таа работела во кипарското Министерство за здравство, а станала пратеник во 2006 година. Кириакидис е триесет и првиот претседател на ПССЕ од 1949 година, првиот Кипранец и третата жена на таа позиција.

На 6 октомври Педро Аграмут поднесе оставка, три дена пред гласањето во ПССЕ за негово отстранување поради спорната посета на Сирија. За време на посетата на Сирија, Аграмут се состана со сирискиот претседател Башар ал Асад.