Ердоган - Соработката меѓу Анкара и Белград е клучна за Балканот

Билборди за добредојде на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Нови Пазар

Турција и Србија се двете клучни земји за Балканот и нивната соработка е од суштинско знаење за одржување на мирот, стабилноста и просперитетот на полуостровот и во Европа, наведува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во авторскиот текст за весникот „Политика“ објавен по повод неговата денешна посета на Белград.

Ердоган пишува дека и денес можат да се забележат траги од заедничката историја меѓу двете земји во јазикот, архитектурата, кујната, културата и во многу други области.

Според турскиот претседател, иако немаат заедничка граница, Турција и Србија „се сметаат за соседи, а тајната е скриена токму во тие блиски врски“.

„Несомнено, соработката е неизбежна и поради геополитичката позиција на две земји. Заедничката историја носи и одредена чувствителност и некои различни разбирања кои се однесуваат и за Турција и за Србија“, пишува турскиот претседател.

Тој наведува дека Анкара не гледала и нема да гледа на тие разлики како на пречка за соработката со Белград.

Турскиот претседател синоќа допатува во дводневна официјална посета на Србија, а на аеродромот во Белград го пречекаа неговиот српски колега Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и членови на Владата на Србија.

Ердоган пристигна во Белград со голема делегација составена од 185 бизнисмени и осум турски министри.

Официјалните разговори на Ердоган почнуваат денеска со тет-а-тет средба со Вучиќ, по што тие ќе одржат заедничка прес-конференција.

Потоа следуваат средби на двете делегации и потпишување на неколку договори меѓу Србија и Турција.