Турските власти побараа задржување на уште еден вработен во конзулатот на САД

Турските власти издадоа наредба за приведување на уште еден вработен од Генералниот конзулат на САД во Истанбул, кој е осомничен за поврзаност со организацијата на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен - ФЕТО, што Анкара ја обвинува за минатогодишниот обид за државен удар. Осомничениот се уште се бара, а неговата жена и дете биле испитувани од страна на турската полиција. На 4 октомври во Турција беше упасен Метин Топуз, вработен во Генералниот конзулат на САД во Истанбул, кого властите го товарат за „прекршување на Уставот“ и „обид за туркање на Владата на Турција“.

Како одговор, мисијата на САД во Турција соопшти дека ја прекинува работата на своите служби за издавање неимигрантски визи во американските дипломатски претставништва во Турција, а како причина е наведено дека Анкара мора да ја „преразгледа“ својата посветеност околу безбедноста на американскиот дипломатски персонал. Анкара со реципрочни мерки одговори на одлуката на американската мисија во Турција за прекин на работата на службите. Турција соопшти дека ќе го прекине издавањето неимигрантски визи за Американци, но тие рестрикции ќе бидат построги бидејќи се однесуваат на „визи во пасошите, е-визите и оние кои се добиваат на граница“, а не само тие што се издаваат во дипломатските претставништва во САД. Одлуката за контрамерките ја соопшти амбасадата на Турција во Вашингтон.