Стотици уапсени на протестите во Русија

Полицијата апси поддржувач на рускиот опозициски лидер Навални на протест во Санкт Петербург.

Полицијата уапси стотици луѓе на протестите во Русија, откако илјадници поддржувачи на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални вчера излегоа на улиците во повеќе градови ширум земјата.

Протестите се совпаднаа со 65-тиот реоденден на рускиот претседател Владимир Путин, а најмногу уапсени имаше во неговиот роден град Санкт Петербург, каде се одржа и главниот протестен митинг.

Немаше повторување на острите мерки од страна на полицијата како што беше случај на протестите организирани од Навални во март и во јуни, кога имаше насилство и неколку илјади апсења.

Протести се одржаа во десетици руски градови меѓу кои Москва, Владивосток, Хабаровск, Улан-Уд, Чита, Ставропол. Барањата на демонстрантите беа на Навални да му биде дозволено да учествува на претседателските избори во март 2018 година.

Московската група „ОВД-Инфо“ која ги следи политички мотивираните апсења соопшти дека биле уапсени најмалку 271 лице во 26 градови до 21 часот кога завршија протестите.