Орбан - Заканата на ЕУ за правни дејства е смешна

Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Правните последици со кои Европската комисија и се закани на Унгарија поради законот за финансирање од странски организации се смешни, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Европската комисија завчера ја започна втората фаза од правната процедура против Унгарија, поради спорниот закон, за кој Брисел тврди дека прекршува неколку правила на ЕУ. Европската комисија ги започна правните мерки против Унгарија во јули годинава, веднаш по влегувањето во сила на Законот за невладини организации.

Нормативниот акт ги обврзува невладините организации кои добиваат директно или индиректно странско финансирање над 24 илјади евра да се регистрираат како „граѓански организации финансирани од странство“.

Европската комисија објави „аргументирано мислење“ во кое се наведува нејзината загриженост во врска со законот и ја повика Унгарија да се придржува кон европските регулативи за ова прашање.

Официјална Будимпешта има еден месец да се изјасни за барањето. Во спротивно, Европската комисија може да ја тужи Унгарија пред Судот на ЕУ, кој има право да воведе казнени мерки.