Ердоган - Турција наскоро ќе ги засили мерките против Ирачки Курдистан

Претседателите на Турција и на Иран, Реџеп Таип Ердоган и Хасан Рохани во Техеран

Турција наскоро може да ги засили мерките кон администрацијата на Ирачки Курдистан поради референдумот за независност на оваа автономна област, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на прес-конференција во Техеран.

Иранскиот претседател Хасан Рохани по разговорите со турскиот колега Ердоган изјави дека двете земји нема да дозволат нарушување на територијалниот интегритет на Ирак и Сирија.

„Нема да дозволиме поделби во регионот. Треба да се стремиме кон уште поголема координација за да се справиме со случувањата во Ирачки Курдистан“, истакна Рохани.

Според него, референдумот за независност на Ирачки Курдистан е грешка, кој го дефинира како „странски заговор со цел да се предизвика етно-религиозен раскол во Ирак“.