Турција негира дека подготвува воена операција во Ирачки Курдистан

Бекир Боздаг

Турскиот вицепремиер Бекир Боздаг ги отфрли шпекулациите дека Турција подготвува воена операција во Ирачки Курдистан, откако овој регион одржа референдум за независност.

“Ние ќе дејствуваме разумно, во координација со нашите соседи,” изјави Боздаг одговарајќи на прашањето дали се подготвува регионална операција против Ирачки Курдистан.

Турција ги координира своите активности со Ирак и Иран во врска со состојбата во Ирачки Курдистан, а турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган утре треба да го посети Техеран. Ирачки Курдистан веќе се соочи со прекин на авионските врски и забрана за извоз на нафта, освен доколку трговијата се врши преку централните власти во Багдад. Боздаг најави и дека турските телевизиски оператори ќе го прекинат емитувањето на неколку канали кои ја поддржуваат курдската независност. Турција и самата се соочува со повеќедецениска борба против сепаратиситчката Курдска работничка партија, а движења за независност на Курдите има и во соседните Сирија и Иран.