Завршува огласот за нов јавен обвинител, пријавени 20-тина кандидати

Илустрација-зградата на Јавното обвинителство на Република Македонија

Дваесеттина кандидати се пријавени досега на огласот за нов државен јавен обвинител, што завршува денеска. Според законската процедура, по пријавувањето на кандидатите, Советот на јавните обвинители, по барање на Владата, во рок од 15 дена треба да достави образложено мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати кои ги исполнуваат условите.

Меѓу пријавените кандидати се адвокатите Ѕвонко Давидовиќ, Александар Тортевски, Еленко Миланов, Тони Менковски, Арбен Гоља, Кирил Смичковски, поранешниот судија Валентин Зафировски, поранешниот обвинител Александар Наков, судијата Лазар Нанев, членот на Советот на јавни обвинители и заменик во Јавно обвинителство на РМ Љупчо Јовевски, обвинителката од организиран криминал Лидија Раиќевиќ, нотарката Лорија Ваневска, Сефула Османи и Крсте Кралевски. Доколку Советот не даде мислење во рок од 15 дена, следуваат дополнителни 15 дена за мислење, по што, ако нема писмено известување, се смета дека мислењето е позитивно.

Потоа, постапката продолжува во Владата која на седница ги разгледува кандидатурите, вклучително и мислењето од Советот на јавни обвинители и треба да донесе одлука за еден од кандидатите за кој претходно постои позитивно мислење од Советот. Одлуката потоа оди во Собрание како Предлог решение, а истовремено се доставува и мислењето на Советот на јавни обвинители. За именување на јавен обвинител Собранието одлучува со просто мнозинство од 61 глас.