Багдад бара поништување на курдскиот референдум

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Растат тензиите по курдскиот референдум за независност

Ирачкиот парламент побара од премиерот Хајдер ал-Абади да испрати војска за да ја преземе контролата врз нафтените полиња во курдскиот автономен регион на северот на земјата. Претходно, курдските власти го отфрлија ултиматумот од Багдад за предавање на контролата врз аеродромите во Курдистан.

Курдските власти им понудија разговори на ирачките централни власти во врска со надѕорот на аеродромите со цел да се избегне кризата до која дојде по курдскиот референдум за независност.

Курдскиот министер за транспорт Мовлуд Мурад во врска со тоа изјави:

„Им велам дека сме подготвени да седнеме и да имаме дијалог за да разговараме за улогата на луѓето што сакаат да ни ги испратат, нивната работа и причините за нивно испраќање. Ние не им пречиме да испратат техничари на нашите аеродроми“, рече тој.

Ова веднаш беше отфрлено од властите во Багдад. Ирачкиот премиер Хајдар ал-Абади побара поништување на референдумот за независност на автономниот курдски регион.

„Референдумот мора да биде поништен и да се иницира дијалог во рамките на Уставот. Никогаш нема да одржиме разговори врз основа на резултатите на референдумот“, изјави Абади, додавајќи дека ирачките закони важат во целата земја.

Тоа беше побарано и од пратениците во ирачкиот паралмент. Претседателот на парламентот Салим ал-Џабури изјави:

„Врховниот командант на вооружените сили, премиерот Абади, треба да се придржува кон сите правни и уставни мерки за одржување и заштита на ирачкото единство и својот народ со издавање на неговите наредби на безбедносните сили за повторно распоредување во сите спорни области, вклучувајќи го и Киркук“, рече тој.

Претходно, курдските власти соопштија дека на референдумот одржан на 25 овој месец скоро 93 отсто гласале за независност. Одѕивот бил 72 насто.

За Курдите, тоа е историски чекор во потрагата на многу генерации по сопствена држава.

Ирак смета дека гласањето е неуставно, а Соединетите Држави, големите европски земји и соседите Турција и Иран силно се спротивставија на одлуката за одржување на референдумот, кој го оценија како дестабилизирање во време кога сите страни сè уште се борат против милитантите на Исламската држава.