Столтенберг и Матис ветија континуирана поддршка за Авганистан

Американскиот секретар за одбрана Џим Матис и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска ветија продолжување на поддршка за Авганистан за време на ненајавената посета на Кабул. На заедничката прес-конференција со претседателот Ашраф Гани, тие ветија дека ќе направат сè за земјата повторно да не стане „рај“ за меѓународните терористи. Столтенберг рече дека цената за напуштање на Авганистан ќе биде повисока од цената за останување во земјата. Тој рече дека НАТО ќе продолжи да обезбедува по околу една милијарда долари годишно за авганистанските безбедносни сили, најмалку до 2020 година. Матис пак, нагласи дека сака да го засили уверувањето кај Талибанците дека единствен пат до мир и политички легитимитет за нив е преку преговори. Во меѓувреме, најмалку петмина цивили беа ранети во ракетен напад врз меѓународниот аеродром во Кабул, информира авганистанското Министерство за внатрешни работи. Тие биле повредени кога една од ракетите го погодила нивниот дом во близина на аеродромот. Одговорноста за нападот ја презедоа и Талибанците и Исламската држава.