Владата ќе формира меѓуресорска група за реформи на постапката за следење на комуникациите

Илустрација-салата за владини седници

Владата на Македонија на денешната 29 седница, по предлог на Министерството за внатрешни работи, ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од формирање меѓуресорска работна група за изготвување и следење на имплементацијата на Планот за реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите, соопштија вечерва од владината служба за односи со јавноста.

Во меѓуресорската работна група, како што информираат од владата, ќе има претставници од собраниските тела за нивниот надзор и контрола, овластените органи за следење на комуникациите: одделни министерства, Јавното обвинителство, судските органи надлежни за донесување на наредба за следење на комуникациите за интересите на безбедноста и одбраната на државата, претставник од Дирекцијата за заштита на личните податоци како и од други управи во надлежност на Владата.

Со цел вклучување и на научната јавност во конципирањето на идните чекори во спроведување на оваа сеопфатна реформа на законскиот и институционалниот систем за следење на комункациите, предвидена и во Планот 3-6-9, се предлага во сите постапки преземени од меѓуресорската работна група да учествуваат и претставници од научната и стручната јавност-експерти од областа на кривичната постапка, Народниот правобранител, како и претставници на граѓански организации од оваа област и од областа на човековите права.