Мигрантите во прифатните центри во Грција живеат во нехумани услови

Архивска фотографија: Мигранти во кампот Мориа на островот Лезбос

Мигрантите сместени во прифатните центри во Грција живеат во валкани и пренатрупани простории и се соочуваат со недостиг на храна и вода за пиење и со полициска тортура, посочува Европскиот комитет за спречување на тортурата при Советот на Европа во својот извештај за условите во кои живеат илјадници лица во грчките мигрантски центри.

„Држењето на луѓето во такви услови може да се смета за нехуман и понижувачки однос, што воедно може да претставува и ризик по јавното здравје“, се наведува во документот изготвен врз основа на согледувањата на експерти на Комитетот по нивната посета на прифатните центри за мигранти во Грција во април и јули 2016 година.

Во извештајот како примери за лошите услови во кои живеат мигрантите се посочува состојбата во прифатниот центар во Солун, каде „по чаршафите имало вошки“ и во пунктот за регистрација на Лезбос, каде во еден контејнер од 46 метри квадратни биле сместени 43 лица.

Документот содржи изјави на мигрантите кои се жалат дека биле изложени на насилство од страна на полицајци, кои наводно ги клоцале и удирале со тупаници.