Курдите, и покрај притисоците, одржаа референдум за независност

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Курдите слават по референдумот за независност

Курдите излегоа на улиците во градовите во северен Ирак за да го прослават крајот на гласањето на референдумот за независност. Според првичните податоци, излезноста на референдумот била 72 проценти, од кои 90 отсто гласале за независност на курдскиот регион во Ирак.

Игнорирајќи ги притисоците од Багдад, заканите од Турција и предупредувањата од меѓународната заедница, Курдите во северен Ирак спроведоа референдум кој, според оценките, би можело да предизвика натамошни конфликти во регионот.

Рефрендумот, како што соопштија курдските власти, има за цел да му даде мандат на Масуд Барзани, кој е шеф на курдската регионална влада да преговара со ирачките власти за отцепување на регионот кој е богат со нафта.

Курдите исто така се на став дека референдумот е признавање на нивниот придонес во борбата против милитантите на Исламската држава откако тие во 2014 година ставија под контрола една третина од територијата на Ирак.

Исто така за Курдите, кои се најголема етнича група која остана без држава по распадот на Отоманската империја пред еден век, референдумот нуди историска можност. На тоа мислење е и Мурад.

„Дојдов да гласам бидејќи ние, Курдите имаме право да имаме наша сопствена држава за да не бидат залудни жртвите направени од Курдите“, вели тој.

Од друга страна, референдумот, покрај притисоците од официјален Багдад, наиде на големо негодување од ирачките граѓани. Еден од нив е и Али, жител на провинцијата Нинива:

„Прво, не постои законско право за референдум за независност на Курдистан, бидејќи не постои законска одредба која ќе му овозможи на курдскиот регион да основа независна држава. Јас сум од таканаречената спорна област, ние сме арапска област и силно се противиме на референдумот“, вели тој.

Силно противење изрази и Турција. Претседателот Реџеп Таип Ердоган дури се закани и со воена интервенција во Ирак.

„Дефинитивно не е прифатливо да се преземат чекори кон поделба во време кога на Ирак му требаат единство и солидарност повеќе од кога било“, рече тој.

Во меѓувреме, турската и ирачката армија започнаа заеднички воени вежби, во близина на границите со автономниот курдски регион на северот на Ирак.

Курдите се доминантно население на југоистокот на Турција, северот на Сирија, северот на Ирак и северозападот на Иран. Овие четири области го сочинуваат регионот Курдистан. Ирачкиот дел на Курдистан има автономија од 1991 година.