Говорот во ОН не значи дека Трамп планира повлекување од договорот со Иран

Американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли

Американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли, изјави дека говорот на претседателот Доналд Трамп во светската организација не значи дека Вашингтон планира да го напушти клучниот нуклеарен договор со Иран.

Во вчерашниот говор во ОН, Трамп рече дека договорот од 2015 година е „една од најлошите и наједнострани трансакции во коишто САД некогаш влегле“ и оти тој е „срам за САД“.

Хејли денеска за Си Би Ес Њуз рече дека реториката во говорот на Трамп „не е јасен сигнал дека тој планира да се повлече“ од договорот, но оти „очигледно не е задоволен“ со него.

САД постојано го обвинуваат Техеран за прекршување на духот на договорот, кој беше постигнат меѓу Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН и Германија. Договорот предвидува ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за ослободување на Иран од долгогодишните санкции.

Меѓународната агенција за атомска енергија соопши дека Иран се придржува до договорот.