Протести во Сент Луис - ослободен полицаец за убиство на црнец

Илустрација: Полицијата апси антиполициски демонстранти во Фергусон на 11 август 2015 година

Полицијата, опремена за справување со протести, употребила солзавец и уапсила десетици демонстранти по третата ноќ протести во американскиот град Сент Луис, по ослободувањето на поранешен полицаец за смртта на еден црнец. Вчерашните протести почнаа мирно, но дел од демонстрантите кои останаа по завршувањето на протестот почнаа да кршат прозорци.

Протестот почна откако судот на 15 септември пресуди дека Џејсон Стокли, кој ја напушти полицијата на Сент Луис пред три години, не е виновен за смртта на Ентони Ламар Смит во 2011 година.

Стокли пет пати го застрелал Смит, кој со автомобил бегал по склучување зделка за дрога. Камерата во полицискиот автомобил кратко пред пукањето го снимила Стокли како вели дека „ќе го убие“ Смит. Обвинителството тврди дека полицаецот подметнал пиштол во автомобилот на Смит по пукањето.

До немирите дојде три години по сериозните судири што избија во 2014 во Фергусон, предградие на Сент Луис, по убиството на 18-годишниот Мајкл Браун од страна на бел полицаец кој не беше ни обвинет. Во тоа време се одржуваа протести ширум САД.