Протест против новиот изборен законик во Молдавија

Протест против новиот изборен законик во Молдавија

Стотици луѓе се собраа во главниот град на Молдавија, Кишињев, на протест против новиот контроверзен изборен законик. Демонстрантите носат знамиња на Молдавија и на ЕУ. Некои од нив го обвинија прорускиот претседател Игор Додон дека „ја продава“ државата на Москва.

Протестите ги организираат две опозициски партии: Платформата за достоинство и вистина и Партијата за акција и солидарност.

Законот со кој се воведува мешан изборен систем беше донесен во парламентот и потпишан од Додон во јули, и покрај масовните протести во Кишињев и критиките од ЕУ и од САД. Законот предвидува половина од пратениците да се избираат преку партиски листи, а другата половина на директни соочувања во изборните единици.

Критичарите велат дека измените ги фаворизираат двете најголеми политички партии во земјата – владејачката прозападна Демократска партија и опозициските проруски социјалисти. Тие велат дека Демократската партија ги иницираше промените за да постигне подобар резултат на парламентарните избори во 2018, во услови на намалена популарност.

Поддржувачите на промените, пак, сметаат дека тие ќе ги направат политичарите поодговорни.

Молдавија смени три влади од 2015 година, по исчезнувањето на една милијарда долари од банкарскиот систем, со што земјата беше доведена во политичка и економска криза.