Авион на Бритиш Ервејс претресуван поради безбедносна закана во Париз

Илустрација: Авион на Бритиш Ервејс на аеродромот Хитроу во Лондон

Полицијата и пожарникарите денеска претресоа авион на Бритиш Ервејс на аеродромот Шарл де Гол во Париз по информациите за безбедносни закани, но излезе дека се работело за лажна узбуна.

Еден патник изјави дека авионот бил опкружен со десетици вооружени полицајци и пожарникари. Тој рече дека пилотот прво им рекол на патниците дека има технички проблеми, а по еден час дека авионот мора да се премести на друг дел од аеродромот, по што полицијата го опколила леталото. Пилотот тогаш им рекол дека постои директна безбедносна закана за летот, изјави патникот.

Портпаролот на француската жандармерија изјави дека полицајците излегле на лице место откако добиле „предупредување“, како и дека авионот бил евакуиран, сите патници и багажот биле претресени, авионот бил прегледан, но не е пронајдено ништо. Тој не прецизира за какво предупредување се работело.