Амано: Иран го почитува договорот, Северна Кореја е сериозна закана

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија Јукија Амано, која ја следи усогласеноста на Иран со меѓународниот нуклеарен договор, изјави дека Техеран го почитува договорот со шестте светски сили. Според Амано условите што Иран ги прифатил, се спроведуваат. Сепак, оценката ќе биде „преиспитана“ од Вашингтон, бидејќи администрацијата на Доналд Трамп размислува дали да го зголеми притисокот врз Иран.

Откако Трамп ја презеде функцијата во јануари, Соединетите Држави се соочија со два рока од по 90 дена за да утврдат дали Иран ги исполнува условите потребни за олеснување на санкциите според договорот. Двапати Вашингтон се повлече од изјаснувањето дека Иран не ги почитува своите обврски. Следниот рок за изјаснување на САД е во средината на октомври. Во меѓувреме, Амано исто така, изјави дека продолжувањето и понатамошниот развој на нуклеарното оружје на Северна Кореја е причина за сериозна загриженост.