Фирмата на Трамп се договарала да гради кула во Москва?

Американскиот претседател Доналд Трамп.

Компанијата на Доналд Трамп се обидувала да постигне договор за недвижен имот во Москва додека беше во тек неговата кампања за претседател на САД при крајот на 2015 година и почетокот на 2016, објави Вашингтон Пост. Цитирајќи личности кои биле запознаени со проектот, весникот пишува дека инвеститори и компанијата на американскиот претседател имале потпишано писмо за намера со цел да изградат Трамп кула во Москва. Но, тие немале земјиште и дозвола за градба за да продолжат со проектот од кој се откажале во јануари 2016 година, пред да започнат партиските избори за претседателски кандидат, наведува весникот. Според весникот, не е јасно колку бил инволвиран и запознаен со преговорите и самиот Трамп. Ниту Белата куќа, ниту Трамп не дадоа коментар за пишувањето на Вашингтон Пост.