Државниот секретар на Ватикан пристигна во Москва

Државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин.

Државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин, денеска пристигна во Москва. За време на четиридневната посета, тој ќе се сретне и со рускиот претседател Владимир Путин и со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.

По пристигнувањето Паролин се сретна со митрополитот Иларион, претседател на одделот на Руската православна црква за надворешни односи. Кардиналот Пјетро Паролин вели дека неговата посета на Русија нема за цел да ги постави темелите за евентуална посета на папата Франциск во Русија, но како што вели, може да се даде некој придонес во таа насока.

Папата Франциск се обиде да ги премости вековните тензии меѓу Православната и Римокатоличката црква, а во таа насока во 2016 во Куба се сретна со патријархот Кирил, поглаварот на Руската православна црква. Паролин, за руската државна новинска агенција ТАСС, во интервјуто објавено на 20 август, изјави дека ќе се состане со патријархот Кирил во Москва.