Државен погреб за „пакистанската Мајка Тереза“

Знамињата на Ватикан и на Пакистан пред катедралата Свети Патрик во Карачи каде што се одржува погребната церемонија за калуѓерката Рут Пфау

Со државни почести се организира погребот на „пакистанската Мајка Тереза“, како што ја нарекуваа германската калуѓерка Рут Пфау, која го посвети животот да му помогне на Пакистан да ја елиминира лепрата. Пфау почина на 87-годишна возраст на 10 август во болница поврзана со нејзиниот Центар за лепра Мери Аделаид во градот Карачи на југот на Пакистан.

Државната телевизија објави снимки на кои се гледа дека нејзиниот ковчег во катедралата Свети Патрик во Карачи го чува почесна воена гарда. Таа треба да биде погребана подоцна во текот на денот на гробиштата во близина.

Пакистански политичари, воени претставници, претставници на граѓанското општество и стотици граѓани ѝ оддадоа последна почит на Пфау.

Таа пристигна во Пакистан во 1960 година и го посвети животот на лекување на болните од лепра во земјата. Пфау отвори 157 центри за лекувањето на болните од лепра, а подоцна ги прошири залагањата и во борбата против туберколозата.

Државните погреби во Пакистан обично се одржуваат за војници загинати во војна и за политичките лидери на земјата.