Порошенко наредил истрага за продажбата на ракетни мотори на Северна Кореја

Архивска фотографија од посетата на Порошенко на фабриката Јужмаш, 21 октомври 2014.

Украинскиот претседател, Петро Порошенко, изјави дека наредил „итна, темелна и целосна истрага“ по извештајот во кој се наведува дека Северна Кореја најверојатно купувала ракетни мотори од украинска фабрика.

Порошенко денеска на Фејсбук напиша дека истрагата ќе ја води секретарот на Националниот совет за безбедност и одбрана на Украина.

Коментарот на Порошенко доаѓа по пишувањата на Њујорк тајмс, кои цитираат екперти кои веруваат дека ракетната фабрика во градот Днепар „најверојатно е извор на моторите“ кои ги покренуваат двете интерконтинентални балистички ракети што беа истрелани во јули од Северна Кореја. Во извештајот се наведува дека државната фабрика, позната како Јужмаш, е недалеку од територијата што ја контролираат проруските сепаратисти во источна Украина.