Утре продолжува собраниската седница за разрешување на Зврлевски

Архива - Собранието расправа за разрешување на Јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Собранието утре напладне ќе ја продолжи расправата за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница во меѓусебни реплики и контрареплики, оценија дека намерно се форсира оваа расправа во Собранието со цел да се дефокусира јавноста од актуелните теми, како задолжувањето, пожарите, стратегијата за бегалците.

Предлогот за разрешување на Зврлевски е поднесен од Владата со образложение дека Зврлевски незаконито, ненавремено и недоволно стручно ја вршел функцијата, како и дека со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата, бидејќи не поднел барање за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон и нарушување на угледот на функцијата.

На денешната седница претседателот на Собранието Талат Џафери повика обезбедување како реакција на тоа што, како што рече, пратеник му ја одзел картицата.