ФФМ - Македонија покажа оти може да организира врвен спортски настан

Реал Мадрид го освои трофејот во УЕФА Супер купот.

По одржаниот натпревар во Супер Купот на УЕФА, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија(ФФМ)Илчо Ѓорѓиоски, оцени дека Македонија покажа оти може да организира врвен спортски настан. Тој им се заблагодари на сите што беа вклучени во организација и реализација на натпреварот и на УЕФА за укажаната доверба и поддршка во реализацијата.

„Покажавме дека иако сме мала федерација и мала нација, можеме да организираме врвен спортски настан, на што сме особено горди. Скопје, Македонија неколку дена беа центар на светската спортска јавност. Беа емитувани бројни репортажи за нашиот главен град и за нашата земја, што нè промовираат во најдобро светло“, рече Ѓорѓиоски.

Тој, како што вели, посакува овој настан да биде голем дополнителен импулс и мотивација за развој на фудбалот во Македонија и во регионот.

Натпреварот се пренесувал во живо во 216 земји (49 во Европа и 167 низ светот), од 280 ТВ станици, а го гледале над 200 милиони луѓе од целиот свет.