Ирански војник убил четворица и ранил осуммина свои колеги

Архивска фотографија - Ирански војник.

Иранската војска соопшти дека четворица војници загинале, а осуммина други се повредени во нападот кога војник отворил оган врз свои колеги во воена база.

Во соопштението на Иранската војска се наведува дека нападот се случил денеска на стрелиштето во градот Кахризак, околу 10 километри јужно од Техеран. Се наведува дека војникот „веројатно имал психолошки проблеми“ и дека одеднаш почнал да пука на неговите другари, но дека исто така, може да биде резултат на „ненадејно и случајно вртење на оружјето“, стои во соопштението.

Минатиот месец еден војник исто така отвори оган врз неговите колеги, при што беа убиени тројца, а ранети шест лица во воената база во градот Абјек на 100 километри западно од Техеран. Напаѓачот наводно се застрелал по инцидентот, но преживеал и бил пренесен во болница.

Во Иран се служи војска во траење од 24 месеци и е задолжителна за сите мажи над 19 години.