Во Подгорица самит на Јадранската повелба

Потпретседателот на САД Мајк Пенс во официјална посета на Црна Гора, Подгорица 01.08.2017.

Денеска во Подгорица ќе се одржи самит на Јадранската повелба на кој ќе учествува потпретседателот на САД Мајк Пенс кој од синоќа е во официјална посета на Црна Гора. Домаќини на состанокот се Зоран Заев, премиерот на Македонија која претседава со Јадранската повелба и премиерот на Црна Гора Душко Марковиќ. На собирот ќе учсетвуваат и премиерите на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на Албанија Еди Рама, претседавачот на Советот на министри на БиХ Денис Звиздиќ, премиерката на Србија Ана Брнабиќ и претседателот на Косово Хашим Тачи. Самитот на Јадрнаската повелба ќе биде можност и за билатерални состаноци. Јадранската повелба е формирана во 2003 година под покровителство на САД со цел да ги координира активностите на поддршка на земјите аспирантки за членство во НАТО. Македонскиот премиер Заев во пресрет на самитот во Подгорица, истакна дека на средбата со потпретседателот Пенс ќе ја нагласи решеноста на новата македонска Влада за спроведување на неопходните реформи за евро-атлантска интеграција и ќе побара поддршка од САД и од другите земји членки на НАТО за прием на Македонија во Северноатлантската алијанса.