Иванов и Борисов разговараа за договорот за добрососедство

Архивска фотографија-претседателот на Македонија Ѓорге Иванов

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

Како што соопшти кабинетот на претседателот, на средбата претседателот Иванов и премиерот Борисов разговараа за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, како и за волјата и ангажираноста на сите што во изминатиот период беа вклучени во напорите за негово усогласување.

"Со овој чин се потврдува политичката волја и заложба на двете држави за преземањето натамошни чекори кон градење меѓусебна доверба и надминување на отворените прашања", посочил македонскиот претседател на средбата.

Претседателот Иванов, истакна дека како и досега, така и во иднина ќе се залага за континуирано унапредување на добрососедските односи.

"Неопходно е заеднички да се соочуваме со предизвиците, во исто време бранејќи ги своите национални интереси. Токму затоа сметам дека ниту еден меѓудржавен договор не смее да биде на штета на сопствените државни и национални интереси. Постојано ја нагласувам потребата од решавање на спорните прашања на мирен начин и преку искрен и отворен политички дијалог, во согласност со меѓународното право и добрососедските односи со цел да се постигнат праведни и фер решенија врз основа на принципите на заемно почитување и поддршка и воздржување од мешање во внатрешните работи на државите, порачал Иванов.

На средбата, претседателот Иванов ја реафирмирал целосната посветеност на земјата на европската и евроатлантската интеграција и истакнал дека Република Македонија очекува отворена поддршка од Република Бугарија за почеток на пристапни преговори за членство во ЕУ, како и поддршка во однос на приемот на Република Македонија во НАТО.