Пенс ја почна турнејата во Естонија, Грузија и Црна Гора

Американскиот потпретседател Мајк Пенс е на пат кон Естонија за да ја почне посетата на три земји кои изразија загриженост за намерите на Русија во нивните региони. Пенс денеска ќе пристигне во Талин, по што ќе следуваат посети на Грузија и Црна Гора, објави Белата куќа.

Високи официјални претставници на американската администрација информираат дека патувањето се смета за продолжување на посетата на претседателот Доналд Трамп на Европа во почетокот на јули.Тогаш Трамп ги посети Полска и Германија за да изрази поддршка за НАТО, додека на истото патување оствари средба со рускиот претседател Владимир Путин, во обид да ги подобри врските со Москва. Тогаш беше посочено дека Трамп изневерил некои сојузници кога не успеал експлицитно да го спомене член 5 од НАТО-договорот - одредбата дека нападот врз една земја на НАТО е напад врз сите членки на Алијансата. Но, на 6-ти јули во Варшава, Трамп изјави дека Соединетите Држави стојат "цврсто зад" членот 5 и ја критикуваше Русија за своите активности во Европа.

Инаку, Естонија и Црна Гора се членки на НАТО, додека Грузија изрази надеж дека ќе се приклучи кон западниот сојуз.