Хан: Турската економија ќе биде загрозена ако тензиите со ЕУ излезат од контрола

Европската Унија ја предупреди Турција дека нејзината економија може да претрпи штета доколку растечките тензии со Унијата, особено со Германија, излезат од контрола. Во пресрет на преговорите во Брисел со високите турски претставници, еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, денеска предупреди дека оваа земја, кандидат за придружување кон Унијата „се оддалечува од европските вредности“.

Тој укажа дека туристичката сезона е во полн ек и дека „секако не од корист луѓето да се повикаат да одат таму“.

Хан и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, утре имаат средба со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу и турскиот министер за прашањата на ЕУ, Омер Челик, во моменти кога размената на ставови меѓу двете страни станува се поостра заради обвинувањата против Анкара за непочитување на човековите права и нејзните остри мерки по минатогодишниот обид за преврат.