АП: САД ќе забранат патување во Северна Кореја

Американскиот студент, Ото Вормбиер, кој беше затворен 17 месеци во Северна Кореја.

Соединетите Американски држави ќе им забранат на своите државјани да патуваат во Северна Кореја, пишува Асошиетед прес. Според нив, одлуката следува по смртта на американскиот студент, Ото Вормбиер, кој беше затворен 17 месеци во Северна Кореја, а почина неколку денови по пуштањето од затвор, оти беше во кома.

Асошиетед прес цитира официјални американски претставници, кои инсистираат на анонимност, според кои државниот секретар Рекс Тилерсон одлучил да наметне „географско ограничување на патувањето“ во Северна Кореја. Засега нема официјален коментар од Стејт департментот.

Две туристички агенции, кои организираат тури во Северна Кореја, соопштија дека тие биле информирани за одлуката. Туристичките агенции соопштија дека забраната ќе биде објавена на 27 јули, а ќе стапи на сила 30 дена подоцна.

Претходно американскиот Стејт департмент изјави дека Вашингтон го смета Пјонгјанг за одговорен за третманот на студентот Вормбиер.

Најмалку уште тројца други Американци остануваат во притвор во Северна Кореја.