Трамп и Путин имале две средби на самитот на Г20

Претседателите на САД и на Русија Доналд Трамп и Владимир Путин, Хамбург, 07.07.2017.

Претседателите на САД и на Русија Доналд Трамп и Владимир Путин одржале втор, претходно не обелоденет разговор за време на самитот на Г20 во Хамбург во почетокот на овој месец, соопшти Белата куќа. Двајцата лидери имаа официјална билатерална средба кој траеше над два часа на 7 јули. Белата куќа вчера соопшти дека Трамп и Путин имале „краток разговор“ и за време на вечерата на самитот за светските лидери и нивните сопруги. На телевизиската снимка се гледа дека Меланија Трамп седела веднаш до Путин. Јан Бремер, претседател на групата „Еуроазија“ кој прв извести за втората средба меѓу Трамп и Путин наведе дека тие минале скоро еден час во разговор само во присуство на преведувачот на Путин. Белата куќа соопшти дека Трамп немал преведувач бидејќи оној што бил на вечерата не знаел руски јазик.