Договорот со Бугарија останува таен за јавноста

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Договорот со Бугарија зад затворена врата

Владата ги информира пратениците за договорот со Бугарија зад затворени врати. Деловникот дозволува такво нешто, но ако биде потпишан, договорот ќе мора да биде објавен и пратениците ќе треба гласаат за ратификација.

Премиерот Зоран Заев, по завршувањето на затворената седница на собраниската Комисија за надворешна политика, на која го презентираше Нацрт-договорот за добрососедство со Бугарија, рече дека состанокот бил консултативен и можност тој и неговите советници да добијат сугестии од власта и од опозицијата за документот. Сугестиите, како што рече, ќе бидат земени предвид и оти документот сè уште е отворен за надградување.

„Наша желба е да го потпишеме договорот. Досега имаме одлична база за компромис помеѓу двете земји. Конечен договор ќе има со негова ратификација во Парламентот“, изјави Заев.

Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, рече дека владата не треба да брза со потпишувањето зашто поважен е квалитетот на договорот. Тие бараат во договорот да се спомене македонскиот народ, да се потврди македонскиот јазик, да има симетрични обврски и за Македонија и за Бугарија и да има јасна дистинкција помеѓу делот на заедничката и делот на посебната историја.

„Доколку овие препораки бидат вградени во дел од текстот и со тоа го унапредат како содржина, а со самото тоа биде и поповолен за Република Македонија ние како пратеници од коалицијата „За подобра Македонија“ би дале поддршка“, рече Милошоски.

Премиерот Заев претходно рече дека во договорот нема дилеми дека се работи за две држави, два народи и два јазика.

На затворената седница на Комисијата присуствувале 14 пратеници вклучувајќи го и претседателот на Парламентот Талат Џафери, кои поседувале безбедносни сертификати.

Премиерот Зоран Заев потребата за затворена седница ја заснова на меѓународната Виенска конвенција и, како што рече, со цел да не се наруши моментот на взаемно почитување со Бугарија.

Поранешни пратеници објаснуваат дека вообичаена практика е собраниските седници да бидат јавни. Сепак, деловникот за работа на собранието дозволува за одредени прашања за кои со двотретинско мнозинство ќе се одлучи, јавноста да може да се исклучи од присуство во собранието, а тоа подразбира исклучување на присуството на медиумите, објаснува поранешниот пратеник Насер Зибери.

„Се разбира, тоа е лимитирано само за одредени прашања кадешто може низ расправата да бидат обелоденети и издадени информации кои се од таен карактер и кои можат да ги загрозат националните интереси на државата. Тие селектирани информации, доколку ги има овој материјал кој е поднесен, тогаш може да се смета како нормална постапка затвореноста на оваа седница“, вели Зибери.

Лидерот на Демократскиот сојуз и поранешен пратеник Павле Трајанов вели дека затворена седница може да се побара кога се работи за договор кој се уште не е потпишан.

„Бидејќи на ист начин се расправа и во Бугарија, се уште не се објавени во јавноста одредбите од овој договор, тоа значи дека сосема логично и оправдано е Владата да побара да го информира парламентот на затворена седница и тогаш, откако ќе се потпише договорот, повторно се враќа во парламентот и тој има можност да го ратификува или не. Ако е спротивен на нашите интереси, парламентарците можат и да не гласаат за таков договор“, вели Трајанов.

Тој вели дека искуството покажува дека и порано имало случаи на затворени собраниски седници, особено за прашања кои се од стратешки интерес за државата и нејзината безбедност.

Зибери, пак, смета дека во атмосфера на чувствителни односи со Бугарија, во интерес е оваа расправа да биде јавна. Опасноста во јавноста да протечат доверливи информации од договорот, според него, може да се одбегне на следниот начин:

„Може предлагачот елементите кои можат да ги загрозат националните интереси на државата да ги изземе и тие да бидат поделени само на пратениците и на крајот од расправата да бидат повторно повлечени“, заклучува Зибери.