Русија блиску до враќање на дипломатските објекти во САД

Заменик министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Риабоков.

Заменик министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Риабоков изјави дека Москва и Вашингтон се блиску до договор со кој на неговата земја повторно ќе и се овозможи пристап до два дипломатски објекти кои во декември, минатата година беа затворени од страна на администрацијата на тогашниот претседател Барак Обама.

Тој оствари средба со американскиот државен потсекретар за политички прашања Томас Шенон во Вашингтон. Шенон не ја коментираше средбата, а Стејт Департментот соопшти дека разговорите траеле повеќе од два ипол часа. Според соопштението на руското МНР, на средбата станало збор за дипломатските објекти, но не се посочува дали е постигнат некаков договор.