Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ - Заев да го објави текстот од договорот со Бугарија

Илустрација - Седиштето на ВМРО ДПМНЕ.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, Антонијо Милошоски, Трајко Вељаноски, Никола Попоски, Емил Димитриев и Владимир Ѓорчев денеска упатија писмо до премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров во кое бараат да се објави нацрт текстот на договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, како и дискусија во Собранието за националните позиции на оваа тема.

Во писмото се наведува дека во рамки на официјалната комуникација од македонски владини институции, срамежливо се потврдува оти текстот на договорот е усогласен, како и дека во јавноста се остава впечаток дека се прифаќа текст кој Владата посакува да го формализира надвор од очите на јавноста. Истото е извор на загриженост, велат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ истакнувајќи оти “загриженоста може да се надмине преку споделување на нацрт текстот или на усогласениот текст на договорот, со пратениците во Собранието на Република Македонија, како претставници на граѓаните“.