Владата со план за датум за преговори со ЕУ на пролет

Премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Влада го презентира Акцискиот план 3-6-9 за евроинтеграција на Македонија.

Премиерот Зоран Заев изјави денеска дека со усвојувањето на Акцискиот план 3-6-9, Владата прави чекор за сериозен пробив кон евроатлантските интеграции по долгиот застој. Тој на прес-конференција во Владата појасни дека именувањето на планот 3-6-9 всушност ги означува мерките и активностите што треба да се спроведат во наредните три, шест и девет месеци.

Според него, целта на планот е до локалните избори во октомври годинава, Владата да ги испорача првичните резултати, до декември да биде отстранета условената препорака, а до наредниот извештај на ЕК на пролет следната година Македонија да добие и датум за почеток на преговорите.