Кривичниот суд одлучува за Титаник и за споените Таргет и Тврдина

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски е еден од обвинетите во Титаник.

Основниот суд Скопје 1 – Скопје соопшти дека синоќа во 21:40 часот, Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО ) доставило два нови обвинителни акти - едниот поврзан со предметот „Титаник“, а вториот во кој се опфатени предметите „Таргет“ и „Тврдина“.

„Двата обвинителни акта веќе се распоредени, согласно електронскиот систем за водење предмети, на оценка кај судиите Ивица Стефановски и Горан Бошевски, а со оглед дека во двата предмета до судот доставени се и предлози за определување мерки за обезбедување присуство, предметите се доделени во работа на кривичните совети кои треба да одлучат по истакантите барања“, стои во соопштението од Основниот суд Скопје 1 - Скопје.

За сите предмети, како и претходно, јавноста ќе биде информирана откако ќе биде донесена одлука, која ќе биде писмено изработена и доставена до странките во постапката, соопштуваат од Судот.

Основниот суд Скопје 1 вчера соопшти дека постапил по вкупно пет предмети на Специјалното јавно обвинителство, односно одлучил да одреди мерка за претпазливост за речиси сите осомничени во овие пет предмети, но немаше притвори.

Станува збор за предметите „Тотал, „Титаник“, „Тортура“, „Тифани“ и „ „Тревник“.