Ахмети – Повеќето од нашите барања веќе се вклучени во владината програма

Архивска фотографија: Изјава на лидерот на ДУИ Али Ахмети

Констатиравме дека повеќето од нашите определби веќе се вклучени во програмата на новата влада, рече лидерот на ДУИ Али Ахмети по денешната средба со парламентарните партии на Албанците во хотелот Александар Палас во Скопје.

Тој рече дека партиите споделиле загриженост што претставници на Беса не присуствуваа на средбата. Ахмети јавно апелира до нив да номинираат претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието поради тоа што има многу случаи што треба да излезат на виделина, како Куманово, Бродец, Монструм и многу други. Апелираме да ја деблокираат оваа комисија и да овозможат вистината околу овие прашања да излезе на виделина, рече Ахмети.

Сите прашања ги отворивме транспарентно, а законот за јазиците е договорен, рече Ахмети не прецизирајќи кога ќе се донесе.