Еврокомесарот Хан утре доаѓа на разговори во Скопје

Архива - Еврокомесарот Јоханес Хан во посета на Македонија .

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан утре доаѓа на разговори во Македонија за спроведувањето на плановите за реформи на македонската Влада. Предвидено е Хан да се сретне со премиерот Зоран Заев, со други претставници на новата влада и со останатите политички лидери во земјава.

Хан во пресрет на посетата изјави дека доаѓа да даде поттик за спроведувањето на реформирте кои Брисел ги очекува во брз рок со цел земјата да се врати на патот на евро-атлантската интеграција.

„Со континуираната поддршка на Европската унија, земјата конечно ја надмина политичката криза преку добро администрираните избори и формирањето на новата Влада. Сега, новата Влада, заедно со опозицијата, треба да се фокусира на спроведувањето на Итните реформски приоритети и на целосно спроведување на договорот од Пржино“, изјави Хан.

Во Македонија веќе престојува и германскиот експерт Рајнхард Прибе, кој во наредните денови ќе има средби со владини претставници за итните реформски приоритети.