Иванов - Институциите да ги решаваат отворените прашања со Србија

Средба на претседателите на Македонија и на Србија, Ѓорге Иванов и Александар Вучиќ. 24.06.2017

Сите отворени прашања меѓу Македонија и Србија треба да ги разгледуваме преку дијалог и надлежните институции да наоѓаат решенија, изјави македонскиот претседател Ѓорге Иванов по средбата со неговиот српски колега Александар Вучиќ, истакнувајќи дека имале конструктивна средба и биле согласни дека отворените прашања не треба да се политизираат.

Иаванов истакна дека со Вучиќ разговарале и за можностите за продлабочување на економската и трговската соработка, а за идејата за заеднички регионален пазар рече дека тоа е во надлежност на двете влади и оти тоа е во интерес на целиот регион.

„Разговаравме и за прашања од доменот на културата кои мора да ги регулираме со одбележувања на настани, како што беше одбележувањето на 70-годишнината од доаѓањето на Македонците во Србија што го одбележавме заедно со претходникот на Вучиќ“, вели Иванов.

На денешната средба на претседателите на двете држави присуствуваше и македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров.