ВМРО-ДПМНЕ: Новата власт да го реализира тоа што го вети

Во денешното соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека Зоран Заев ветил брзо членство во ЕУ и НАТО без да се задира во идентитетските прашања и без да се склучуваат какви било договори на штета на националните и државни интереси. Реакцијата на партијата следува по изјавата на премиерот Заев на средбата со граѓанските организации, во која вели дека намерата на Владата е до крајот на годинава Македонија да добие чиста препорака за почеток на преговори со ЕУ, а идната година и датум за почеток на преговорите за пристапување на Македонија кон Европската Унија,

Според ВМРО-ДПМНЕ, тоа што Заев сега го говори, ослободување на препораката од дополнителните услови Македонија го имаше до 2015 година, односно, како што се наведува, до моментот кога СДСМ крајно неодговорно ја втурна земјава во политичка криза.

"Граѓаните не смее да бидат манипулирани. Граѓаните паметат дека Радмила Шеќеринска ветуваше решавање на прашањето за името во рок од шест месеци и брзо членство во ЕУ и НАТО. Новата власт има обврска да го реализира тоа што го вети," се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.