Трамп - Истрагите за руското мешање се измама

Американскиот претседател Доналд Трамп.

Американскиот претседател Доналд Трамп ги критикуваше истрагите на Конгресот и на ФБИ за мешањето на Русија во минатогодишната изборна кампања, велејќи дека станува збор за измама. Тој денеска имаше серија пораки на Твитер, еден ден откако поранешниот секретар за државна безбедност Џеј Џонсон сведочеше пред комитетот на Претставничкиот дом за руското мешање.

Трамп вели дека и Џонсон сведочел дека немало некоја голема „шема“ меѓу Трамп и Русија.

Џонсон рече дека не видел никаков доказ за заговор меѓу соработниците на Трамп и руските службеници, надвор од она за што јавно кажала разузнавачката заедница.

Трамп, исто така, го обвини својот претходник, Барак Обама, дека не одговорил посилно на руското мешање.

„Патем, ако Русија толку напорно работела за време на кампањата за изборите во 2016 година, сето тоа се случи за време на владеењето на Обама. Зошто тогаш не го спречија тоа?“, напиша Трамп.

Американските разузнавачи во јануари објавија проценка, според која, Москва преку хакирање и дезинформации била вклучена во кампањата за претседателските избори во САД. Ова прашање го разгледуваат и повеќе комисии во Конгресот, а ФБИ ги истражува врските меѓу соработниците на Трамп и руските власти.