Премиерот Заев во Брисел на средби во ЕУ и НАТО

Од последната средба на Заев и Могерини во Брисел на 24 мај 2017 година

Претседателот на владата на Република Македонија Зоран Заев денеска ќе престојува во прва официјална посета на Брисел, каде што ќе се сретне со претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск, високата претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на ЕК, Федерика Могерини, со комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, како и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Целта на првата посета на Брисел по преземањето на должноста е Владата да ја потврди својата целосна посветеност на интеграците во ЕУ и НАТО, како стратегиска цел на земјата и да ги презентира реформските приоритети во владината агенда за враќање на државата на патот на евроатланските интеграции, соопшти службата за информирање на Владата.

Заев ќе биде придружуван од вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Во пресрет на посетата тој порача дека како премиер длабоко ги цени пораките за поддршка на новата Влада кои деновиве ги добил од челниците на ЕУ и НАТО.