Харадинај слави победа, но нема мнозинство за влада

Поддржувачите на Демократската партија на Косово слават победа на изборите

Врз основа на обработени 84 насто од гласовите, Централната изборна комисија на Косово соопшти дека води коалицијата меѓу Демократската партија, Алијансата за иднина на Косово и Иницијативата за Косово со освоени 35 проценти. Кандидат за премиер на оваа коалиција е поранешниот претседател на владата и воен командант Рамуш Харадинај.

Најголемо изненадување е националистичкото движење Самоопределување, кое е на второ место со околу 26 насто гласови, што е двојно повеќе од минатите избори во 2014 година. Коалицијата на досегашниот премиер Иса Мустафа освоила 25,6 проценти.

Врз основа на резултатите, меѓутоа, коалицијата на Харадинај нема да може да формира влада без поддршка од 20 пратеници од редовите на малцинските заедници. За изгласување влада се потребни 61 глас, а оваа коалиција најверојатно ќе има меѓу 40 и 42 пратеници.

Коалицијата на Харадинај и движењето Самоопределување синоќа славеа на одвоени собири. Косово на изборите го положи испитот, изјави Рамуш Харадинај, додавајќи оти победата на неговата коалиција е убедлива.

Лидерите на Самоопределување нагласија дека ако се сметаат само партии, а не коалиции, тогаш тие се победници на изборите.